Столе Димитриевски: Сон ми е кариерата да ја завршам на СП 2030 во Шпанија и Португалија!

Првиот голман на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, во интервју за „ТелеМадрид“ изјави дека сон му кариерата да ја заврши со настап на Светското првенство во 2030, кое тој сака да се одржи во Шпанија и Португалија.

Димитриевски долго време брани во Шпанија, а вели и дека не би му било проблем до крајот на кариерата да остане во Рајо Валјекано.

„За мојот престој во Рајо имам само убави спомени. Валјекас е специјален стадион, а фановите се уникатни. Договорот со клубот ми е до 2024 и се разбира дека не ми е проблем да останам, а ако потпишам нов договор, можеби и спортската кариера ќе ја завршам тука. После тоа би работел во Рајо како тренер или нешто друго. Клубот ми има дадено многу“ – вели Димитриевски.

Кумановецот кој има 29 години, преклани бранеше на Европско првенство, а сон му е да се појави и на Мундијал, по можност во 2030 во Шпанија која е кандидат заедно со Португалија, но имаат силна конкуренција од Јужноамериканците и арапско-грчката кандидатура.

„Сонувам кариерата да ја завршам во дресот на националниот тим играјќи на СП во Шпанија и Португалија во 2030 година. Тогаш ќе имам 36 години“ – изјави чуварот на мрежата на Рајо Валјекано кој задутре има градско дерби против Атлетико Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести