Столе Димитриевски: Цела деценија сум прв голман, тешко е да се седи на клупата на Валенсија

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски ова лето од Рајо Ваљекано направи трансфер во Валенсија, но никој не очекуваше дека ќе биде „закован“ на клупата за резерви.

Планот беше Столе Димитриевски да биде замена за Грузиецот Мармадашвили, кој беше пред трансфер, но тој иако потпиша за Ливерпул, сепак, остана уште една сезона на „Месталја“.


Столе Димитриевски во интервју за „Марка“ признава дека ова за него е тешка и несвојствена ситуација, затоа што долг период не бил резервен голман во некој од претходните клубови.

„Цела деценија сум прв голман и искрено, сегашната ситуација во Валенсија ми е чудна и тешка за прифаќање. Во фудбалот се случуваат многу чудни работи, ми се случиле и мене во минатото. Мамардашвили остана, но јас сум во клубот во кој сакав да бидам и сега напорно работам и ја чекам мојата шанса. Се надевам дека ќе добијам шанса да бранам, а клубот полека ќе се искачи погоре на табелата и ќе ги избегнеме позициите од опасната зона на табелата“, изјави Столе Димитриевски.

Во репрезентацијата на Македонија тој е неприкоснивен прв чувар на мрежата и вели дека неговиот сон е еден да настапи и на Светско првенство со националниот тим.

„Мојот сон е да учествувам на Светско првенство со Македонија. Бевме блиску до таков пласман во баражите за СП во Катар. Ја елиминиравме Италија и направивме сензација, но потоа загубивме од Португалија. Патот е тежок, но ние сме подготвени да го одиме“, истакна македонскиот репрезентативен голман.

- Оглас -

Најнови вести