Столе Димитриевски е прогласен за играч на мечот, а со одбраните против Валјадолид, апсолутно го заслужи признанието. Со трите извонредни интервенции, а посебно со одбранетиот пенал во 87. минута репрезентативецот на Македонија повторно ќе конкурира за место во идеалниот тим на колото во Ла Лига.
И веднаш шпанските новинари го поставија прашањето зошто извонредниот Димитриевски не бранеше за Рајо Валјекано од самиот почеток на сезоната.
„Ова беше една од најдобрите голмански претстави во Ла Лига сезонава. Зошто воопшто се чекаше толку долго за Столе да добие шанса да биде прв голман на Рајо. Погледнете ги и бројките, јасно говорат дека се задоцни со него како стартер во тимот. Со Димитриевски на голот тимот освои 10 од можните 21 бод, а претходно само 6 од вкупно 33“, пишуваат шпанските новинари.
Димитриевски дојде во Рајо Валјекано минатото лето, како позајмен од Химнастик Тарагона и на почетокот беше резерва. Бранеше ветеранот Алберто Гарсија, но сега тој му е резерва на нашиот репрезентативец.
Рајо има право да го откупи договорот на Димитриевски со Химнастик и според информациите од Шпанија ќе го стори тоа сигурно, со цел македонскиот репрезентативец да продолжи да брани за клубот од Мадрид и следните сезони.