Екипата на Жирона продолжува со одличните резултати сезонава и се пласираше во четвртфиналето на Купот на Шпанија. Каталонскиот тим кој моментално е лидер на табелата во Примера дивисион, сега е и во Топ 8 екипи во Купот, откако на свој терен со 3:1 го победи Рајо Валјекано.
Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски беше на клупата за резерви кај Рајо затоа што на овие мечеви од Купот шанса добиваше резервниот чувар на мрежата, Карденас.
Жирона одигра фуриозни половина час во првиот дел, период во кој домаќините ги постигнаа сите три гола. Стуани погоди за 1:0, потоа истиот играч беше прецизен и од пенал за 2:0, а Блинд зголеми на 3:0. Нтека погоди за гостите, но тоа беше и единствен погодок за Рајо, што на крајот се покажа како премалку да се спасат од испаѓање.
Во следната фаза од Купот се пласираше и Селта виго откако на гости со 3:1 ја победи Валенсија, а Реал Сосиедад славеше на теренот во Памплона против Осасуна со 2:0.