Страотна доминација – Само Кинезите жнеат олимписки злата во пинг-понг

Страотната доминација на кинеските пинг-понгари и пинг-понгарки продолжи и на Летните олимписки игри во Токио, а и двете селекции во машка и во женска конкуренција не дозволија изненадувања и ги освоија златните медали.

Откако дамите ја победија Јапонија, денеска и машката селекција на Кина лесно се справи со Германците во финалето и победи со 3:0.

Двојниот олимписки првак поединечно, Лонг Ма, во тандем со Ксин Ксу во стартнот меч во двојки со триумф од 3:0 против Тимо Бол и Патрик Франциска најавија ново злато за Кина во машка конкуренција.

Драматично беше во вториот меч, каде што Жедонг Фан со 3:2 го победи Димитриј Овчаров, по што беше јасно дека доминацијата на Кинезите на Олимписките игри ќе продолжи и во Токио.

Лонг Ма го победи Тимо Бол со 3:1 доволно за четвртиот златен медал екипно во машка конкуренција за Кина. Оваа селекција досега ги има освоено сите злата, по четири и во машка и во женска конкуренција, на Летните олимписки игри откако во 2008 година во Пекинг почна да се игра и екипно во двете конкуренции.

 

- Оглас -

Најнови вести