Стразбур е во голгетерски ритам, дојде и на чекор до пласман во ЛШ

Фудбалерите на Стразбур продолжуваат со одличната форма во француската Лига 1, совладувајќи го Лион со убедливи 4-2 во натпревар од 27-то коло и сега се на само чекор од пласман во Лигата на шампионите.

Иако Лион пристигна со три победи во низа и позитивна традиција на овој стадион, вечерта во Стразбур им донесе непријатно изненадување. Првото полувреме го контролираа гостите, не дозволувајќи ниту еден шут кон својот гол, но сепак не успеаја да го материјализираат поседот.

Казната за пропуштените шанси дојде веднаш на стартот од вториот дел. Во 55-та минута капитенот Андреј Сантос донесе водство за Стразбур, а само пет минути подоцна Баква ја удвои предноста.

Лион успеа да намали преку Толисо во 63-та минута, но надежите на гостите беа краткотрајни. Емега со прецизен удар во 73-та минута ја врати комотната предност за домаќините, а Амон-Амејо во финишот со четвртиот гол ја запечати победата.

На крајот, Лион преку пенал на Микаутадзе во 96-та минута успеа само да го ублажи поразот.

Со овој триумф, Стразбур стигна до петтата победа во последните шест кола и сега е на само еден бод од местата што водат во Лигата на шампионите. Лион, пак, падна на шестата позиција и ризикува уште пониско рангирање по завршување на колото.

- Оглас -

Најнови вести