Цели 27 години македонската фудбалска репрезентација сонува за меч на кој со победа ќе се пласираме на едно големо натпреварување. Тој ден дојде, денеска Македонија гостува во Тбилиси и со победа против Грузија ќе се најде меѓу најдобрите селекции на Стариот Континент.
На 13 октомври 1993 година во Крањ започна фудбалската приказна за Македонија, кога на гостувањето славевме против Словенија со 4:1. Зоран Бошковски останува забележан како стрелец на првиот гол во историјата на нашата селекција. Популарниот Чоко верува дека е дојдено време за пласман на ЕП.
„Поминаа 27 години и верувам дека денеска ќе се радуваме на толку посакуваниот пласман на големо натпреварување. Сигурно дека во Тбилиси мечот ќе биде многу неизвесен, може да решаваат нијанси. Влогот е голем, двете селекции чекаат прв настап на ЕП. Верувам во фудбалерите и со цело срце ќе навивам да се пласираме на завршницата“, ни изјави Бошковски.
Чоко се присетува на времето од пред речиси три децении и на тоа колку фудбалот сега е променет. „Ние во тоа време бевме во група со Данска, Шпанија, Белгија, што беа фудбалски велесили. Сега е поинаку. Добро е што УЕФА ја создаде Лигата на нациите и дозволи шанса за условно послабите селекции да се надеваат на пласман на големо натпреварување. Верувам во оваа селекција и без разика дали ќе биде по 90 минути, дали по 120 минути или по изведување на пенали, најважно е да се пласираме на ЕП“, додава Бошковски.
Од првиот меч во Крањ до денеска Македонија има 238 натпревари, во кои билансот ни е 72 победи, 62 нерешени и 104 порази во вкупна гол-разлика од 276 дадени и 315 примени гола.