Стрелците за Барса против Сити веројатно тресеа за последен пат на „Камп ноу“ (видео)

Барселона и Манчестер сити одиграа одлично реми со 3-3 на „Камп ноу“ во хуманитарниот натпревар за заболените од склероза, пред точно 91.062-ца гледачи на култниот стадион.

Головите за тимот на Чави Ернандес ги постигнаа фудбалерите кои се на излезна врата. Прво Обамејанг израмни на 1-1 во 29-тата минута, а во вториот дел погодуваа уште Де Јонг и Мемфис.

Холандскиот играч за врска го најави пресвртот во 67-мата минута откако искористи одбиена топка, за набрзо потоа Сити да израмни на 2-2 преку младиот Палмер.

Мемфис го замени токму Обамејанг, а по точно 20 минути од влегувањето во игра, се најде на вистинското место и одново ѝ донесе предност на Барса, но сепак Марез со реализираниот пенал длабоко во судиското надополнување го постави конечниот резултат.

За Обамејанг и Мемфис речиси сигурно ова беа последни голови во дресот на каталонскиот гигант. Габонецот е пред трансфер во Челзи, а Депај по пропаднатиот трансфер во Јувентус, бара нова средина. Ситуацијата останува неизвесна околу Де Јонг, а до крајот на преодниот рок остана уште една недела.

- Оглас -

Најнови вести