Стротман и ќе му помага и ќе го шпиунира Пандев

Кевин Стротман е новото засилување на Џенова во битката за опстанок во Серија А и ќе се обиде да им помогне на Горан Пандев и на соиграчите да не испаднат од најсилната италијанска лига.

Стротман доаѓа во редовите на најстариот клуб во Италија од Марсеј, а ќе се обиде со добри игри да се наметне и кај холандскиот селектор Франк де Бур да се најде на списокот на Лалињата што ќе играат на Европското првенство од 11 јуни до 11 јули годинава.

Интересно е што токму Македонија и Холандија ќе играат во иста група и ги чека меч во Амстердма на 21 јуни.

Стротман има 30 години и е поранешен играч на Спарта Ротердам, Утрехт, ПСВ Ајндховен, Рома и Марсеј, а Џенова ќе му биде шестиот клуб во професионалната кариера.

Има одиграно 46 натпревари за холандската репрезентација, а последниот настап му е против Италија во октомври лани, кога влезе како резерва на дуелот од Сегментот А во Лигата на нациите, што заврши нерешено, 1:1.

Можно е новите соиграчи Стротман и Пандев да бидат и ривали на „Јохан Кројф арената“ на 21 јуни, во последниот меч за двете репрезентации во првата фаза по групи на Европското првенство.

 

 

- Оглас -

Најнови вести