Хуманитарен тикет со фудбалската ѕвезда што замина со најскап трансфер од македонското првенство во странство

Срѓан Захариевски има одлична сезона во која како кормилар на Струга Трим Лум успеа да му обезбеди на клубот историски настап во еврокуповите со пласман на третото место во фудбалското првенство на Македонија.

Подвиг што е голем со оглед дека клубот е формиран во 2015 година и за кус период успеа со Захариевски како шеф на стручниот штаб да си обезбеди настап во Европа.

„Веројатно никој не нè очекуваше на третото место на табелата по завршувањето на сезоната, но со многу труд и квалитетна работа успеавме да се избориме за настап во еврокуповите.
Успехот е одличен, но за мене е најважно што промовиравме неколку млади играчи, кои се перспектива и на Струга Трим Лум и на македонскиот фудбал. Сега ни останува добро да се подготвиме за деби на европската сцена“, вели за почеток нашиот гостин, кој ќе се обиде со хуманитарен тикет во Sport Life да помогне на социјално загрозените категории луѓе.

КАКВА ТРАНСФОРМАЦИЈА – ОД ЛОКАЛНИОТ БЕНТОС ДО РЕКОРДЕН ТРАНСФЕР ВО ПОВЕЌЕКРАТНИОТ ГЕРМАНСКИ ПРВАК

Фудбалската кариера му беше интересна со почеток некаде во 1992 година во локалниот клуб Бентос од Крива Паланка, од каде што родум е Захариевски. Продолжи во Маџари Солидарност, па во Силекс и на ред дојде првиот интернационален предизвик.

За рекорден трансфер од 1.300.000 тогaшни германски марки, во 1998 година од Силекс замина во Штутгарт како најскап фудбалер кој од македонски клуб заминал во странство. Неофицијално вкупно се работеше за трансфер од 1,8 милиони марки.

Таа сума што ја плати германскиот гигант и петкратен шампион сè уште е во топ-5 кога се работи за трансфер на македонски фудбалер директно од нашата лига во странски клуб.

„Тоа беше големо признание за мене како фудбалер, но и шокантен трансфер. Да те бара и да те ангажира клуб со над стогодишна традиција и многукратен првак на Германија не е мала работа. Во Штутгарт тогаш играше и Митко Стојковски, па бевме двајца фудбалери од мала земја како што е Македонија во голем клуб со неверојатна традиција.

И со ѕвезди од калибарот на Красимир Балаков, Фреди Бобич, Томас Бертолд, Томас Шнајдер, Звонимир Солдо и уште многу други познати играчи. Од клубот само што си замина тренерот Јоаким Лев, сегашен селектор на Германија. Потоа имаше турбулентен период со смени на неколку тренери. Се сменија Вини Шефер, Волфганг Ролф и Рајнер Адрион, па пред стартот на новата сезона 1999/2000 дојде Ралф Рангник. Човек што веројатно не сакаше играчи од Балканот, а во Штутгарт нѐ имаше доста, па тоа беше и крај за мене во клубот. Ми е жал што стигнав во турбулентен период во Штутгарт и малку играв“, раскажува за германската авантура тренерот на Струга Трим Лум.

ПОРТУГАЛСКА АВАНТУРА ВО ГРАД СО ПОГОЛЕМ СТАДИОН ОД БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИ

Од редовите на германскиот гигант се пресели во таборот на новиот португалски фудбалски тигар, како што го нарекуваа Кампомајоренсе, тогашен прволигаш од земјата што моментно е европски првак.

Мал клуб од малото место Кампо Мајор, со фасцинантен податок. Стадионот на којшто играше Кампомајоренсе тогаш имаше поголем капацитет од бројот на жители регистрирани во Кампо Мајор.

„Тоа беше амбициозен проект, како што јас велам, од типот еден човек-клуб. Сопственикот на Кампомајоренсе беше дури и еден од спонзорите на Првата португалска лига, многу амбициозен човек што го доведе Џими Флојд Хазелбенк во клубот неколку сезони пред да пристигнам и јас на почетокот на овој милениум.
Беше прекрасна авантура, но како што често се случува, кога човекот-клуб ќе престане да вложува, тогаш доаѓа криза. Така беше и со Кампомајоренсе, но периодот од една година засекогаш ми останува во спомените.

Играв во лига со европски гиганти од калибарот на Бенфика, Порто, Спортинг, а интересно е тоа што таа сезона Боависта ја освои титулата, само како втор клуб со Белененсеш што било кога успеал да ја разбие апсолутната доминација на трилингот португалски великани.

Португалците се со сличен менталитет како нашиот, тогаш фудбалот таму беше многу поинаков од германскиот. Кај Германците се знае, само ред, работа и дисциплина, додека кај Португалците беше сè поразлично. Мора да има убавина во играта, не за џабе ги нарекуваат европските Бразилци. Да се игра во Лисабон против Бенфика и Спортинг, против Порто, Боависта, е доживување што не се заборава“ вели Захариевски.

ПРИКАЗНА ШТО Е ВЕЧНА, ЖАЛ ЗА ВАРДАР И СПОМЕНИ ОД НЕЗАБОРАВНИТЕ МЕЧЕВИ СО ЦСКА МОСКВА И СПАРТА ПРАГА

Од Португалија и по неколкугодишен престој во странство во 2001 година се врати во Македонија и стана член на најтрофејниот македонски клуб Вардар.

И веднаш ја почна приказната за македонскиот бренд со моментната ситуација што е лоша за „црвено-црните“, кои испаднаа од Првата лига.

„Ми е жал за Вардар, но таков е животот. Токму по поразот од нас во Струга, беше јасно дека ќе се преселат во Втората лига. Играв за Вардар, но како тренер на Струга Трим Лум постапив професионално. Во фудбалот нема место за премногу емоции. Вардар искрено треба да си ја бара вината во своите редови и да најде чаре за излез од финансиската криза. Се надевам дека брзо ќе се врати на вистинските патеки, но за ваквата ситуација не смее да се обвинуваат противниците или други луѓе што воопшто не придонеле за падот на македонскиот фудбалски бренд.

Не можам да бидам рамнодушен со ситуацијата бидејќи играв четири сезони за Вардар, меѓу нив и незборавните дуели со ЦСКА Москва и Спарта летото во 2003 година, во квалификациите за Лигата на шампионите.

Тоа останува во сеќавање засекогаш. Амбиентот беше невиден. За дуелот со ЦСКА Москва во Скопје се сеќавам дека од карантин заминавме кон стадионот повеќе од два часа пред почетокот на реваншот. Вриеше од луѓе по улиците, не бодреа, а стадионот беше полн уште во 18 часот. Гледаме кон трибините и не ни се верува. Тој амбиент е незаборавен, а го надградивме со елиминација на големиот ривал од Русија.

Потоа дојде уште еден голем двомеч со Спарта Прага и искрено за тие дуели сè уште ми е жал што нè елиминираа бидејќи бевме рамноправни, па и подобри. Карел Поборски нè уништи со три гола на двата дуели. И како иронија, тој играше за Бенфика во периодот кога јас бев член на Кампомајоренсе во Португалија. Повторно бевме ривали. Иако беше главен виновник за елиминацијата на Вардар, морам да бидам искрен дека беше голем играч“ се потсетува популарниот Срле.

Има 8 трофеи како играч и тренер во Македонија, двапати беше прогласуван за најдобар фудбалер во Првата лига, што доволно говори за неговата кариера.

Интересно е што на хуманитарниот тикет го одигра Реал Мадрид, клубот за кого навива, со ГГ&3+ и не можеше да типува на вториот странски клуб што му е симпатичен, а се работи за Црвена ѕвезда, бидејќи српското првенство заврши.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести