Струга Трим Лум победнички си заминува од гостувањето во Битола, откако со 2:0 славеше против Пелистер на стадионот „Петар Милошевски“, во меч од 24 коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Со оваа победа Струга ТЛ сега стигна до 53 бодови и сега има само пет помалку од двоецот Вардар и Шкендија кои се на водечките две позиции. Тоа значи дека Струга и дефинитивно се врати во трка за титулата.
За разлика од гостите, фудбалерите на Пелистер продолжуваат со разочарувачките резултати. Ова беше 12-ти пораз за Зелено-белите кои останаа на 22 бодови и се на 10 место, кое е во опасната зона и не гарантира опстанок.
Струга ТЛ од почетокот на мечот започна офанзивно, а гостите во финишот на првиот дел, односно во 45 минута стигнаа до посакуваната преднсот кога искусниот Марјан Радески погоди за 1:0.
Во второто полувреме Пелистер се обидуваше да израмни, но наместо тоа, гостите ја потврдија победата. Џокерот на Струга ТЛ, Христијан Малески во игра влезе во 75 минута на местото на Радески и само 10-тина минути му беа потребни да постигне погодок. За Малески ова беше 11 погодок сезонава, што е одличен скор, посебно ако се знае дека најчесто во игра влегува како резерва во второто полувреме.

Ова 24 коло ќе се комплетира утре со мечот меѓу отпишаниот Шкупи и Башкими, а ќе се игра во Куманово.

