Со дуелот меѓу Струга Трим Лум и Работнички денеска ќе се комплетира 25 коло во Прва фудбалска лига на Македонија. Струга има мотив да се бори барем за второто место на табелата и со евентуална победа ќе дојде на само два бода зад Шкендија.
Сепак, многу поголеми мотиви за победа има Работнички. Тоа е тимот кој грчевито се бори за да не испадне. Со 22 бодови, тимот од Дебар Маало е на претпоследното место, но не треба да се заборави дека имаат пет победи во последните седум средби. Токму затоа Романтичарите се оптимисти дека може да продолжат со добра игра и со евентуални три бода да се израмнат со Пелистер кој е деветти на табелата.
Струга сезонава на свој терен има осум победи, две реми и само два порази, а на страна на стружани е и традицијата која вели дека го имаат победено овој ривал на сите четири последни дуели.

