Шампионот на Македонија, Струга Трим Љум, игра одличен натпревар во Охрид и има водство од 1-0 против Будуќност од Подгорица после првото полувреме на првиот меч од второто квалификациско коло од Конференциската лига.
Единствениот погодок после првите 45 минути беше дело на Бесарт Ибраими во 30-тата минута после асистенцијата на Марјан Радески.
Сепак, стружани може да бидат незадоволни со минималното водство, бидејќи според играта и шансите патникот во следната фаза можеше да биде решен уште во првото полувреме на дуелот во Охрид, а Бесарт Ибраими да се прослави со најмалку три до четири голови.
Најдобриот стрелец во историјата на македонската фудбалска лига во 20-тата минута после една соло-акција го погоди дирекот од голот на Павличевиќ.
Убава можност имаше и Марјан Радески во 12-тата минута, но неговиот одличен удар од дистанца со прекрасна парада го одбрани гостинскиот голман.
Струга Трим Љум има 62% посед на топката и вкупно осум удари кон противнички гол, од кои дури шест одеа во рамките на голот на голманот Павличевиќ. На спротивната страна Будуќност упати само два удари надвор од рамите на голот и воопшто не го загрози голот на Ќошевски.