Екипата на Струга Трим Лум со 2:0 славеше над Работнички во првиот меч од третото коло во Прва фудбалска лига на Македонија. Ова е трета победа на Струга ТЛ и останува перфектна со девет бода. Од друга страна, Работнички останува само со еден бод по три кола и ниту еден постигнат гол на Романтичарите.
Струга ТЛ беше фаворит за трите бода и пред мечот, а отпорот на гостите од скопје беше скршен во судиското надополнување од првото полувреме. Беше досуден пенал за Струга ТЛ, а интернационалецот од Буркина Фасо, Компаоре беше сигурен реализатор од белата точка за водство од 1:0 на полувреме за домаќините.
Во второто полувреме Струга повторно беше многу поконкретна, но малку фалеше Работнички да израмни. Романтичарите најдобрата шанса ја имаа во 81 минута кога Хоџа излезе сам пред домашниот голман, но ја погоди стативата.
Сите дилеми околу победникот беа решени во 90+4 минута кога Малески го постигна вториот погодок за Струга ТЛ.


