Фудбалскиот првак на Македонија, екипата на Струга ТЛ без многу мака го победи Тиквеш во меч од шестото коло на Првата лига. За Струга ТЛ ова е само трет дуел во новата сезона, а има три одложени средби поради летните европски обврски што ги имаше во натпреварувањата на УЕФА.
Само половина час беше доволен за домаќинот да ги реши сите дилеми околу победникот на денешниот дуел. Марјан Радески со гол во 15-тата минута донесе прва радост за домашните фанови, а потоа Бесарт Ибраими со погодоците во 21-вата минута од пенал и голот во 31-вата минута, донесе убедлива предност за фаворитот.
До крајот на полувремето, Тиквеш постигна почесен гол, и тоа преку Џемал Ибиши во 37-мата минута. Во истата минута гостите останаа со играч помалку откако втор жолт картон, автоматски црвен картон доби Александар Вареловски.
Во вторто полувреме немаше голови, но имаше возбудувања. Домашниот дефанзивец Енис Малиќи за три минути доби два жолти картони, па и Струга остана со играч помалку во 59-тата минута.
Во 63-тата минута, Ибраими имаше шанса да постигне хет-трик откако беше досуден и втор пенал за домаќините, но овојпат најефикасниот фудбалер во историјата на македонската лига не успеа да реализира од белата точка, па резултатот остана 3:1 до крајот.
Струга ТЛ сега има шест бода од три кола, додека Тиквеш остана со седум бодови од пет одиграни дуели.