Екипата на Струга Трим Лум продолжува со перфектниот старт во македонското фудбалско првенство откако на свој терен Бесарт Ибраими со гол од пенал донесе радост за домаќините, што беше и единствен погодок во првиот дел.
Во второто полувреме, Силекс успеа да израмни, и тоа преку Ристовски во 72-рата минута. Само две минути подоцна, Струга ТЛ остана и со играч помалку по исклучувањето на Илиески, па кратовци се понадеваа дека може да направат и целосен пресврт.
Сепак, не само што не се случи пресврт, туку Струга ТЛ покажа дека и со играч помалку може да победи. Во 82-рата минута Шабани со удар од 16-тина метри ги изненади гостите и погоди за водство од 2:1 на домаќините, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
За Струга ТЛ ова е петта победа во петтото коло и најдобар старт во клупската историја. Силекс го претрпе првиот пораз.
Актуелниот првак Шкупи киксираше против Победа и одигра само 1:1 во меч на кој двата гола беа постигнати во последните 10 минути. Чаирчани поведоа со погодок во 81-вата минута, но само три минути подоцна гостите од Прилеп израмнија и стигнаа до бод во дуел со шампионот.
Без победник, со резултат 1:1 заврши и скопскиот дуел меѓу Македонија Ѓорче Петров и Работнички. Гостите први се израдуваа со гол во 49-татаминута, а бод за екипата од Ѓорче Петров донесе Ѓурѓевиќ со погодок во 63-тата минута.
Резултати од петтото коло: Академија Пандев – Скопје 3:0, Македонија ЃП – Работнички 1:1, Шкупи – Победа 1:1, Струга – Силекс 2:1, Тиквеш – Шкендија 1:3.
Табела: Струга ТЛ 15 бодови, Шкендија 10, Силекс 8, Академија Пандев 7, Шкупи 7 (два меча помалку), Брегалница 7 (меч помалку), Македонија ЃП 4 (меч помалку), Работнички 4, Победа 1 (меч помалку), Скопје без бодови (меч помалку.)