Струмичкото дерби против Академија Пандев последна шанса за опстанок на Беласица

Академија Пандев и Беласица ќе го играат струмичкото и дербито на 29. коло во македонската Прва лига, денеска од 16 часот.

Постариот клуб од Струмица, Беласица е во многу незавидна ситуација и мора да ги освои бодовите, ако сака да се надева на чудо и на опстанок во елитата. Но, сино-белите имаат лош меѓусебен биланс против Академците на Пандев и редат само порази против денешниот противник и се уште немаат постигнато гол.

Победата им значи многу и на домаќините кои играат на „Кукуш“ во Турново. Со триумф, четврти во исто толку мечеви со Беласица, Академија Пандев речиси сигурно ќе го запечати настапот во квалификациите за Европа Лигата.

Во слична ситуација е и Вардар, па и најтрофејниот клуб кај нас со триумф дома против Ренова ќе биде сигурен учесник во квалификациите за Европа Лигата.

Лидерот и актуелен шампион Шкендија ќе и биде домаќин на Македонија Ѓ.П., фенерџијата Победа во Кочани како домаќин ќе игра со Шкупи, а во Кратово Силекс ќе ги бара бодовите за спас против Работнички.

Двојки, 29. коло – 16 часот: Академија Пандев – Беласица, Вардар – Ренова, Шкендија – Македонија Ѓ.П., Силекс – Работнички, Победа – Шкупи.

Табела: Шкендија 63, Вардар 51, Академија Пандев 47 (еден меч помалку), Работнички 39, Ренова и Шкупи по 36, Македонија Ѓ.П. 35, Силекс 28, Беласица 24, Победа 20 (еден меч помалку).

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести