Одбојкарите на Струмица поведоа со 2-0 во финалната серија против Штип УГД во борбата за шампион на Македонија. Струмичани откако направија брејк во Штип, сега пред својата публика славеа со драматични 3-2.
Сепак, мечот воопшто не започна во стилот во кој заврши. Домашните го добија првиот сет со убедливи 25-11, но Штип УГД врати во вториот со 19-25. Следуваше ново водство за Струмица, овој пат од 2-1, откако го добија третиот сет со 25-22.
Во четвртиот сет штипјани вратија за убедливиот прв сет и го добија со 13-25, а драмата се случуваше во последниот, петти сет. Струмица диктираше темпо, но Штип УГД постојано успеваше да се врати, па дури и да поведе со 10-9. На 13-11 за Струмица, повторно израмнување на 13-13, но тоа беше се што успеаја да направат штипјани, па сетот им припадна на домашните со 15-13.
Третиот меч од финалната серија ќе се игра во четврток, на први мај, во Штип, а Струмица доколку успее да победи, ќе ја прослави својата 12-та титула во историјата. Штип УГД нема трофеј од првенството, но оваа и претходната сезона го освојуваа Купот на Македонија.