Струга Трим Лум со 3-1 го победи Силекс во Кратово и со новите три бода стружани избија на чело на прволигашката табела, со еднаков број бодови како и Вардар.
Силекс имаше максимални 15 бода по првите пет меча, а сега влезе во мини-криза и врза два пораза едноподруго, по кои е трети со четири бода помалку од Струга и Вардар.
Победата ја најави Компаоре со осми гол сезонава (заедно со Мато од Вардар се први стрелци во лигата), на 2-0 зголеми Хамза со прекрасен гол од слободен удар. Силекс намали во финишот на првото полувреме, а конечните 3-1 ги даде Зенку со шут од далечина и уште еден убав гол.
Попладнево се играше и во Струмица, каде што Брера славеше 2-1 над Арсими, иако гостите од Чегране водеа со 1-0. Во финишот Арсими даде гол за 2-2, но беше поништен поради офсајд, по интервенција од ВАР-собата.
Утре играат Пелистер – Башкими, а задутре е Работнички – Шкендија, по што сите екипи ќе имаат по седум одиграни натпревари.

