Поранешниот доктор на националната репрезентација на Италија, Енрико Кастелачи, вели дека треба да се внимава со фудбалерите што го прележаа опасниот вирус, а брзото враќање на теренот би можело да има кобни последици по здравјето.
Кастелачи беше дел од експедицијата на Аѕурите што ја освои светската титула во 2006 година, а предупредува дека треба многу да се внимава.
„Треба да бидеме многу претпазливи со евентуалното продолжување на домашните првенства и настапите на интернационалната сцена, особено ако во тимовите има фудбалери што беа заразени од Коронавирусот и потоа успешно закрепнаа. Вирусот не е обична настинка и отежнатото дишење што е карактеристично за Короната може потоа да доведе до срцеви компликации, ако се избрза и прерано се изложи телото на големи напори. Треба да се истражат работите дополнително, но не смее да се избрзува со фудбалерите што го прележаа вирусот“, изјави Кастелачи.
Во Италија, односно во Серија А, има десетици играчи што беа заразени од Коронавирусот и сите успешно ја пребродија кризата, но по изјавата на ексдокторот на Аѕурите, прашање е дали ќе се ризикува тие да играат во продолжение на сезоната, ако до неа воопшто и дојде.