Откако медиумите го преселија во Барселона, а потоа во приказната се вклучи и Реал Мадрид, српскиот напаѓач Лука Јовиќ, вели дека сака да остане во Ајнтрахт и во следната сезона. Јовиќ е прв стрелец во Бундеслигата, во просек дава голови на секои 100 минути, има убедливо најдобра сезона во кариерата, притоа има само 21 година, па затоа за неговите услуги се интересираат и најголемите европски клубови.
Јовиќ во Ајнтрахт игра како позајмен од Бенфика.
„Во моментов размислувам само за Ајнтрахт, тој клуб ми е сè. Мислите ми се само кон оваа сезона и претстојните мечеви во Бундеслигата. Уживам во фудбалот како никогаш порано. Клубот уште ме нема купено од Бенфика, но тука се чувствувам како свој на своето. Што ќе биде во иднина, никој не може да предвиди. Немам ништо против да останам во Франкфурт уште некоја година“ – вели Јовиќ за српски „Новости“.
Сепак, му годи кога името му се поврзува со Реал, Барселона, Баерн и другите тимови од европскиот врв.
„Чест ми е што големите клубови се интересираат за мене, ми годи, и тоа говори дека добро си ја работам работата, и ме тера да напредувам. Но, ништо повеќе од тоа. Стојам цврсто со двете нозе на земја“ – додава Јовиќ.