Министерството за спорт започна со комплетна реконструкција и адаптација на спортската сала во комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со ректорката на УКИМ, проф. Биљана Ангелова, денеска го означија официјалниот почеток на градежните работи на објектот.

Со оваа инвестиција на Министерството за спорт, во вкупна вредност од 54 милиони денари со вклучен ДДВ, спортската сала, која со години беше во руинирана и запоставена состојба, ќе биде целосно обновена и повторно ставена во функција за потребите на студентите.
„Конечно почнува реконструкцијата на салата којашто е многу важна за Министерството за спорт, за УКИМ, но најважна е за студентите кои ги држеа часовите по физичко по други сали“, рече министерот Ристовски.

Ректорката на УКИМ, проф. Биљана Ангелова, нагласи дека со овој проект се решава децениски проблем и изрази надеж дека реконструкцијата ќе биде завршена во предвидениот рок и нагласи дека по реконструкцијата, спортската сала ќе биде ставена во функција на студентите, на вработените, а ќе биде отворена и за организирање натпревари.


