Новак Ѓоковиќ не успеа да се пласира во финалето на Австралија опен, откако поради повреда мораше да го предаде мечот против Александер Зверев. Неколку часа по предадениот меч, Ѓоковиќ на својот инстаграм профил сподели фотографија направена од студентите на Правниот факултет кои веќе подолг период штрајкуваат во Србија.
Ѓоковиќ пред нкое време јасно покажа дека ги поддржува студентите во своите барања, па тие сега му вратија со порака на која пишуваше „Професоре Ноле, студенти те воле“. Едноставно студентите покажуваат колку почит имаат кон Ѓоковиќ, кој застана на нивна страна.
Самиот Ѓоковиќ даде објаснување зошто ги поддржува студентските протести. „Следам што се случува во Србија, не сè, но следам многу на социјалните мрежи – не можам да се преправам дека ништо не се случува. Иако сум во Австралија, секако дека ме погодуваат работи како што се случи pред некој ден со Соња, се надевам дека брзо ќе се опорави и ќе се врати дома. За жал, ова не е единствената ситуација на насилство врз студентите и младите генерално. Ја имаат мојата поддршка“, рече Ѓоковиќ, а потоа додаде:
„Не можам повеќе да се сметам за млад човек, сега сум некаде во средна возраст. Би сакал моите деца да растат во Србија. Би сакал младите од странство да се вратат да живеат во Србија, да чувствуваат дека имаат општество и средина во која тие можат да уживаат, да се развиваат“, објаснува Ѓоковиќ.