Луис Суарес со два гола приреди пресврт на „Камп ноу“ и сам ја анулира негативата од 0:1 за победа на Барселона против Интер. Извонредниот Уругваец погоди во 58-мата и во 84-тата минута, па Интер си оди со пораз од Барселона, иако поведе со голот на Лаутаро Мартинес во третата минута.
На прагот на голема сензација беше Салцбург на „Енфилд роуд“ откако успеа да израмни на 3:3, по предноста на Ливерпул од 3:0. Сепак, на крајот австрискиот првак е поразен со 3:4, а стрелец на победничкиот гол е Мохамед Салах, кој е двоен стрелец.
Ајакс со одлична игра ја декласира Валенсија со 3:0 на „Месталја“, а успех на гостински терен забележа и Лион со победа во Лајпциг од 2:0.
Челзи го победи Лил во Франција со 2:1, а Зенит на домашен терен беше поуспешен од Бенфика и славеше со 3:1.