Луис Суарес летово со тешко срце си замина од Барселона, но покажа дека тоа нема да биде проблем за него да се вклопи добро во новата средина. Уругваецот потпиша за Атлетико и веднаш се промовираше во лидер на теренот. Суарес досега има четири гола и една асистенција, покажувајќи на челниците на Барселона дека направија голема грешка што го тргнаа од „Камп Ноу“.
„Не ми требаше многу да ме убедат да дојдам во Атлетико. Видов колку од клубот ме сакаа и решив да потпишам. Атлетико е неверојатен клуб, а навивачите даваат голема поддршка, дури и во овие моменти кога трибините се празни. Дочекан сум на фантастичен начин и што друго да кажам освен дека дури и со крв сум подготвен да ги бранам боите на клубот“, вели Суарес.
Иако од Барселона буквално беше избркан, Суарес вели дека кога ќе дојде време да игра против Барселона и ако даде гол, сигурно нема да се радува.
„Секако дека нема да се радувам. Имам преголемо почитување кон Барселона, а таму уште имам голем број на мои пријатели. Секако дека тоа сепак нема да биде пречка за јас да дадам гол за Атлетико“, додава Суарес, кој откри дека уште редовно се слуша со Лионел Меси.
По шест меча во Примера, Атлетико е единствениот тим без пораз во шпанското првенство. Јорганџиите вечерва на свој терен играат против Кадиз, тим кој пред неполн месец веќе се радуваше на гостување во Мадрид, победувајќи го Реал со 1:0.