Луис Суарес ја чекаше и ја дочека својата одмазда кон Роналд Куман. Тренерот на Барселона кој седна на клупата на почетокот на минатата сезона, реши да го избрка Суарес од тимот како фудбалер кој прави проблеми во екипата. Уругваецот со тешко срце мораше да си замине од „Камп Ноу“, но тоа како да му беше мотив да покаже дека згрешиле.
По трансферот во Атлетико Мадрид, Суарес повторно блесна и беше еден од најзаслужните што Јорганџиите станаа прваци во Примера. Синоќа, Суарес даде гол за Атлетико во победата од 2:0 над Барселона, а потоа веднаш побара извинување од навивачите на Барселона.
Сепак, кога се работи за тренерот на каталонците, Суарес му испрати порака на Куман. Холандскиот стратег преку телефон му соопштил на Суарес кога требало да си замине од Барселона, а сега стигна и одговорот.
„Телефонската слушалка е посветена на луѓето кои преку телефон ми се јавија и ми соопштија некои работи. Сакам да им порачам дека уште го немам сменето бројот и уште сум тука. Не сакав да го славам погодокот од почит кон Барселона. Свесен сум низ каков тежок период поминува Барселона заедно со играчите и навивачите“, рече Суарес.