Луис Суарес ја доби наградата за најдобар фудбалер во шпанското првенство за јануари. Не само во јануари, туку Суарес е одличен во текот на целата сезона и со 16 погодоци и две асистенции е прв стрелец во лигата. Со овој биланс од 16 погодоци во првите 17 меча за еден клуб, Суарес го сруши рекордот на Кристијано Роналдо, од пред повеќе од една деценија.
„Напаѓачот се храни со погодоци. Некогаш даваш многу голови, некогаш помалку, но тоа што е најважно е тимот да победува. Фудбалер на мојата позиција нема како да игра добро, ако тимот не му игра добро. Без разлика што веќе имам 34 години, гладен сум за голови. Се наоѓаме во добра ситуација и важно е да продолжиме во ист стил, за да можеме да стигнеме до целта“, рече Суарес кој ја доби наградата за најдобар фудбалер во јануари.