Луис Суарес во солзи ја напушти Барселона и во изминатиот преоден рок го облече дресот на ривалот Атлетико Мадрид. Уругвајскиот голгетер и еден од најдобрите играчи во историјата на каталонскиот гигант, беше приморан по шест години да го напушти „Камп ноу“, откако Роналд Куман му соопшти дека не смета на неговите услуги.
Сепак, Суарес смета дека тренерот не ја донел сам одлуката, туку дека така му било наредено од управата, па вината ја бара во претседателот Жозеп Бартомеу, за кого подготвува одмазда.
„Кога тренерот ќе дојде и ќе ви каже дека не сте во неговите планови, се прашувате дали таа одлука е лично негова или наметната од страна на управата. Секако дека нема да славам доколку постигнам гол против Барселона, но на трибините ќе го барам човекот на кого сакам да му испратам порака да сфати дека погреши“, истакна Суарес.
Суарес ќе има прилика на 22 ноември да ги одмери силите против поранешните соиграчи, кога Барселона ќе гостува на „Ванда Метрополитано“ во рамки од 10-тото коло во Ла Лига.