Луис Суарес во далечната 2006 година како 19-годишно момче го напушти родниот Уругвај и од екипата на Насионал замина во Европа, потпишувајќи за Гронинген во Холандија. Од тој момент, до сега, Суарес цели 16 години е дел од европскиот фудбал и еден од најдобрите напаѓачи во светот.
Играше за Ајакс, Ливерпул, Барселона и Атлетико Мадрид, а сега е слободен играч. Како ветеран со 35 години, Суарес треба да ја одбере неговата следна дестинација, а тоа многу веројатно ќе биде враќање во Јужна Америка, односно заминување во Аргентина.
Според бројните шпански и аргентински медиуми, Суарес е многу блиску до договор со гигантот Ривер плејт. Најавите се дека се договорени личните услови и дека голгетерот викендов ќе се појави во Буенос Аирес да стави потпис на договорот.