Уругвајскиот напаѓач Луис Суарес откри дека пред трансферот од Барселона во Атлетико Мадрид се чувствувал многу лошо и последните денови во Барса плачел од тага поради некоректниот однос на клубот кон него.
Суарес, кој за шест години стана трет стрелец во историјата на каталонскиот гигант, очекувал подобар третман, а вели дека и Лионел Меси сакал да ја напушти Барселона кога видел како клубот се однесува кон луѓето кои многу му помогнале и придонесле за успеси.
„Последните денови ми беа многу тешки. Плачев поради тоа низ што минував. Не ги прифатив добро пораките од клубот. Сакаа да го напуштам клубот и не ми се допадна начинот на кој бев тргнат настрана, најмногу ме болеше што не ми дозволуваа да играм 11 на 11 на тренинзите. Жена ми ја виде мојата болка и решивме дека е најдобро да заминам во Атлетико. Таму повторно се почувствував сакан и ценет“, рече Суарес.
Суарес, кој за Атлетико даде два гола на дебито, постојано има поддршка од Лионел Меси, со кого беа убиствен тандем.
„Не бев изненаден што Меси јавно ме поддржа. Тој знаеше за мојата болка, знае колку страдаваме и јас и семејството“, додава Суарес.