Судбината си поигра со капитенот: Пред 22 години таму започна приказната на Лазаров, сега се враќа во можеби неговиот последен голем настап

Македонската ракометна репрезентација ќе го продолжи континуитетот со настапи на големите натпреварувања откако денеска доби дозвола како прва замена да се најде на завршницата на Светското првенство. Мундијалот во Египет започнува утре, кога и нашата експедиција ќе замине во оваа африканска земја.

Од 2012 година, Македонија постојано е дел од големите натпреварувања и петпати беше дел од континенталните натпреварувања, а сега петти пат во низа ќе биде дел и од планетарниот собир. Претходно нашата репрезентација имаше учество на едно ЕП во 1998 и на две СП во 1999 и 2009 година.

Капитенот Кирил Лазаров е човекот кој неверојатни 22 години е дел од националниот тим и бил дел од сите големи натпреварувања, освен на првото ЕП во 1998. Лазаров дебито на голем настап со репрезентацијата го имаше во 1999 година, на Мундијалот во Египет. Сега, 22 години подоцна, како легенда на светскиот ракомет и со полни 40 години, Кире како капитен на националниот тим се враќа во Египет на планетарен собир.


Едноставно, судбината си поигра со Лазаров и му овозможи можеби последен голем репрезентативен настап во националниот дрес да го има токму таму, каде што сè започна за него, во Египет.

Нема сомнеж дека како и во претходните две децении, Лазаров ќе биде вистински предводник на Македонија на теренот.

- Оглас -

Најнови вести