Судијата што беше главен на дуелот Челзи – Краснодар обвинет за местенки

Чешкиот судија Павел Краловец, кој е со знакот на ФИФА и УЕФА и ја делел правдата на мечевите од Лигата на шампионите, е обвинет дека учествувал во местење натпревари во домашното првенство. Според информациите од локалните медиуми, во целиот случај бил вмешан и заменик-претседателот на Чешката фудбалска федерација, Роман Бербер.

Според весникот „Днес“, полициските извештаи велат дека Краловец и Бербер манипулирале со резултатот во финалето на Купот на Чешка во кој Спарта Прага со 2:1 го победи Слован Либерец.

„Работата е многу едноставна, потребна ми е една политичка работа, во ред? Ти ќе ме разбереш. Јосеф Крула треба да биде сопрен во понеделник“, му вели Бербер на Краловец во телефонскиот разговор.

Крула е спортски директор на Слован Либерец и поранешен судија. На записите се слуша како Краловец се согласува со барањето од Бербер. По завршување на финалето од Купот, главниот судија претрпе големи критики поради неговиот начин на делење на правдата. Најмногу забелешки имаше поради тоа што не го исклучи фудбалерот на Спарта, Мартин Фридек, иако од ВАР-собата потврдиле дека има елементи за црвен картон.

Судијата Краловец синоќа ја делеше правдата на дуелот меѓу Челзи и Краснодар на „Стемфорд бриџ“ кој заврши нерешено 1:1.

 

- Оглас -

Најнови вести