Хари Кејн само што пристигна во Баерн Минхен, а веќе започна да ги освојува луѓето, и тоа не само со игрите на теренот, туку и со своето однесување.
Неговите квалитети на фудбалскиот терен и претходно беа познати, а тоа го покажа и со трите погодоци на двата дуела на стартот од Бундеслигата.
Со пофалби за Англичанецот во јавноста се јави и главниот судија од дуелот помеѓу Баерн Минхен и Аугсбург, Даниел Зиберт.
„Тој е многу пријатен човек кој цврсто стои на земја. Тој не е вообразена ѕвезда која не доживува никого, а верувајте, ги има во фудбалот колку сакате. Пред натпреварот се пошегувавме со дождот што ни го донесе од Англија. Сигурен сум дека Кејн нема да биде проблем за судиите во Германија бидејќи е многу пријатен и не е напорен“, рече Зиберт.
Забелешки на однесувањето на Хари Кејн немаше никој и додека настапуваше во Англија, а постојано се обидува својот приватен живот да го држи настрана од медиумите.