Судијата што го досуди најконтроверзниот пенал на ЕП 2020 и што не му призна чист гол на Роналдо ќе суди на Македонија – Германија

Дани Макели ќе биде главен судија на дуелот Македонија – Германија кој в понеделник ќе се игра на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Овој холандски судија веќе еднаш беше среќен за Македонија, затоа што тој беше главен на дуелот против Косово, кога славевме со 2:1 во полуфиналето од плејофот за пласман на Европското првенство. Дуелот против Косово се одигра пред точно една година, односно на 8 октомври 2020 година.

Холандскиот судија беше еден од најизборуваните на Европското првенство, поради одлуката да досуди пенал за Англија против Данска во полуфиналето. При резултат 1:1, Макели во 104 минута покажа на белата точка за Англија, кога Хари Кејн промаши, но од одбиената топка успеа да ја затресе мрежата на Данска и со тој гол Гордиот Албион избори место во финалето.

Дури и некогашниот англиски репрезентативец Гери Невил тогаш изјави дека немало пенал за Англија против Данска.

Пеналот досуден за Англија против Данска сепак не е најконтроверзната одлука на овој арбитар. Во март оваа година, тој беше главен на дуелот Србија – Португалија во квалификациите за СП 2022, кога во 93 минута не виде чист погодок на Кристијано Роналдо.

Топката ја помина гол линијата, но бидејќи немаше ВАР систем, ниту гол-технологија да сигнализира, Макели не забележа дека топката ја помина со цел обем гол линијата. Роналдо збесна, ја фрли и капитенската лента, но тоа не го поколеба холандскиот судија, па Португалија наместо да победи, средбата заврши 2:2.

Подоцна, Макели му се извини на селекторот на Португалија Фернандо Сантош.

 

- Оглас -

Најнови вести