Судиската комисија на ФФМ ги анализира и ги разгледа спорните моменти од првото коло на Првата МФЛ и утврди две погрешни проценки на судиите.
На мечот Работнички – Шкупи, кој заврши 3-1 за Романтичарите од Дебар Маало, не требало да се досуди пенал за домашните во 80-тата минута.
„На натпреварот ФК Работнички – ФК Шкупи одигран на 07.08.2023 година, анализирана е ситуацијата од 80-тата минута. Главен судија: Александар Ставрев. Помошни судии: Дејан Костадинов и Слаѓан Марковски.
80-та минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (Погрешно досуден пенал)
Екипата на домаќините беше во напад, играч од екипата на домаќините додаде топка во шеснаесетникот на екипата на гостите, на неа тргнаа двајца противнички играчи, играчот на гостите прв стигна до топката, коректно ја изби и потоа дојде до контакт помеѓу играчите.
Погрешна одлука на главниот судија, досуден е пенал за екипата на домаќините, но во оваа ситуација главниот судија требаше да дозволи играта да продолжи бидејки играчот на гостите прв дојде до топката и ја изби коректно без да направи прекршок“, стои во соопштението на ФФМ.
Погледнете ја ТУКА ситуацијата по која беше досуден пеналот за Работнички на мечот со Шкупи.
На дуелот Тиквеш – Македонија Ѓорче Петров, според судиската комисија, требало да има пенал за кавадарчани во четвртата минута, но судијата Ндерим Тефику направил погрешна проценка.
„Играч од екипата на домаќините ја имаше топката во свој посед во шеснаесетникот на гостите странично од голот, во моментот кога ја додаде топката кон свој соиграч, играч од екипата на гостите направи движење со телото (го наведна) во правец на топката и со рака (неприродна положба и широко одвоена од тело) ја удри топката спречувајќи ја да дојде до соиграчот.
Погрешна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, во оваа ситуација главниот судија требаше да досуди пенал за екипата на домаќините поради игра со рака од играч на гостите, направи движење со телото во правец на топката и раката му беше во неприродна положба и широко одвоена од телото“, стои во анализата на судиската комисија.