На натпреварот од 11. коло во Првата македонска фудбалска лига, помеѓу екипите на Вардар и Силекс, беа анализирани две судиски одлуки кои по природа се тешки за проценка и се предизвикувачки ситуации.
„Во 85. минута, гостинскиот голман интервенира надвор од казнен простор, но неуспешно, без посед и контрола на топка, неспортски и намерно блатантно со двете раце го задржува противничкиот напаѓач. Без дилема очигледен прекршок, при што во тој момент голот на гостинската екипа е празен (небранет), а голманот нема можност да интервенира. Главниот судија има целосна контрола и добро ја антиципира ситуацијата по што покажува директен црвен картон за гостинскиот голман, правилно.“ – велат од Судиската комисија при ФФМ.
„Во втората ситуација, 90+6 минута, главниот судија има блокирано видно поле поради поставеноста на играчите и природно не може да види игра со рака од гостинскиот одбранбен играч при една високо нафрлена топка во казнениот простор. ВАР судиите правилно интервенираат и по преглед на снимка на терен од страна на главниот судија е досуден пенал за домашната екипа поради играта со рака која во моментот на контактот е во неприродна положба, одвоена од телото во висина на рамото, одбранбениот играч со ваквото неприродно движење на раката презема ризик. Пенал без дисциплинска мерка е правилна судиска одлука.“ – се вели во анализата на Судиската комисија.
„Судискиот одбор ја потврдува исправноста на двете клучни одлуки на натпреварот. ВАР системот повторно се потврди како клучна поддршка за судиите во носењето точни и правични одлуки во најважните моменти од натпреварите.“ – велат од ФФМ во анализата за мечот Вардар – Силекс.

