На денешниот натпревар помеѓу ФК Вардар и ФК АП Брера, судиската четворка беше предводена од нашиот нов интернационален судија Стојанче Трпчевски, кој веќе неколку години е еден од водечките судии во лигата, со стандардно многу добри судиски перформанси и константност во интерпретацијата на Правилата на фудбалската игра. Таков беше случајот и на денешниот натпревар, кој го менаџираше авторитетно и сигурно, без ниту еден доделен жолт картон.
За жал, во 90+4. минута од натпреварот повторно се потврди потребата и целта од воведувањето и примената на ВАР технологијата. Во ситуација кога главниот судија, поради својата поставеност и агол на гледање, не можеше да забележи очигледна и казнива игра со рака од одбранбениот играч на ФК АП Брера, по извршена исклучително брза и точна проверка од ВАР судијата Никола Костенчев, кој утврди јасен и очигледен доказ, правилно и навремено беше интервенирано.
Со тоа беше донесена исправна одлука – досуден казнен удар за ФК Вардар, поради игра со рака која не е потпирачка, туку е во неприродна положба и одвоена од телото, со што одбранбениот играч при блокирањето на ударот го зголемува волуменот на своето тело.
Одборот на судии во целост позитивно ги оценува судиските перформанси на натпреварот, со посебен акцент на одличната и навремена ВАР интервенција.

