Арбитражниот спортски суд во Лозана ја поништи одлуката на УЕФА, според која дел од трибините на „Ванда Метрополитано“ вечерва од 21 часот на дуелот меѓу Атлетико и Манчестер сити требаше да бидат празни.
Поради неспортското однесување на навивачите на Атлетико на првиот меч во Манчестер што го добија домаќините со 1:0, на реваншот дел од едната трибина со околу 5.000 места требаше да биде празна, како казна од УЕФА за шпанскиот клуб.
Атлетико се жалеше до Арбитражниот спортски суд во Лозана, CAS, кој денеска пресуди во корист на шпанскиот клуб.
Причината, како што се наведува од Лозана, е што УЕФА доцна донела ризична одлука што би можела да има сериозни последици за сигурноста на стадионот.
Капацитетот на „Ванда Метрополитано“ е 68.456 места, а рекордна посета е 68 илјади гледачи на 28 септември 2019 година, кога играа Атлетико и Реал.
Атлетико ќе брка негатива од 0:1 од првиот меч за да се пласира во полуфиналето, каде што повторно би играл со Реал Мадрид.