Судот во Лозана ја врати Колубара во Суперлигата, Фудбалската федерација на Србија повторно ја исфрли и тоа во Трета лига

Одборот за итни прашања во Фудбалската федерација на Србија (ФСС), на денешната седнница ја исфрли екипата на Колубара од Суперлигата за следната сезона и ја „испрати“ во третата лига.

Исто така на денешниот состанок одржан во ФСС, Дисциплинската и етичката комисија и ја одзедоа лиценцата за натпреварување на Колубара, поради лажни податоци кои ги доставил тимот, и тоа на неколку часа пред да биде извршена ждрепката за новата натпреварувачка сезона.

Со оваа одлука, е потврдено останувањето во Суперлигата на Радник Сурдулица, кој преку бараж дојде до неа, и во новата сезона ќе играат 16 екипи, а не 17 доколку Колубара останеше во Суперлигата.

ФСС по завршување на минатата сезона ја казни Колубара со девет бодови поради наводно местење на натпревари и со тоа тимот од Лазаревац испадна од Суперлигата.

Но, челниците на Колубара се жалеа во Судот за спортска арбитража во Лозана кој делумно им ја уважи жалбата. Судот во Лозана ја преиначи одлуката на ФСС, и наместо девет, на Колубара и беа одземени само шест бода, и со вратените три бода, тимот обезбеди опстанок во Суперлигата.

Додека се чекаше одлуката од Лозана, беше одигран бараж натпревар за пласман во српската Суперлига во кој славеше Радник Сурдулица.

По одлуката на Судот во Лозана, српската Суперлига мораше да се игра со 17 екипи, но ФСС „најде“ решение како да ја откачи Колубара, која според најавите повторно ќе се жали на последната одлука.

- Оглас -

Најнови вести