Љубителите на ракометот во Македонија денеска ќе имаат уживање во два натпревари кои се многу важни. Во 18 часот во Битола, Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 ќе бијат битка која треба да одлучи кој од овие два тима ќе биде шампион во домашното првенство.
Вардарци се на пол-позиција, олеснителна околност за нив е што ќе се игра публика, а им одговара и пораз до седум гола разлика. Пелистерци ќе се обидат да направат чудо и со победа од над 8 гола разлика, да го преземат првото место, што практично би значело и титула бидејќи до крајот на сезоната им остануваат дуели со реално послаби противници кои ќе ги совладаат.
Вардар 1961 оди по двојна круна откако го зеде Купот токму со победа над Е. Пелистер во финалето. Од тимот на Стевче Алушовски најавуваат дека ќе одат на победа, но јасно е дека ќе радуваат и ако претрпат тесен пораз.
Во Лигата на шампионите се игра реванш од четвртфиналето помеѓу Веспрем и Нант. Францускиот тим за којшто игра Кирил Лазаров го доби првиот меч со 32-28, но вечерва во Унгарија треба да се одбрани од налетите на еден од најсилните состави во Европа според имињата и тим кој во однос на првата средба ќе биде засилен со враќањето на Дејан Манасков. Натпреварот почнува во 18.45, подобриот оди на финалниот турнир во Келн.