Суперкуп: Ливерпул и Челзи ќе се докажуваат кој е најдобар во Европа

Истанбул денес е обоен во црвено и сино. Во турската метропола доаѓаат двата европски прваци Ливерпул и Челзи. Тимот на Јирген Клоп по освоената шеста титула во Лигата на шампионите, атакува на уште едно одличје од УЕФА, додека екипата од Лондон со новиот менаџер Френк Лампард има шанса да ја оправда втората титула во Лигата на Европа.

Суперкупот е начин да се одреди кој тим е најдобар во Европа, а Црвените и Сините се подготвени да се борат за трофејот во мечот кој ќе се игра на „Водафон арената“.

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ВО ПРЕСРЕТ НА СПЕКТАКЛОТ

  • За првпат во историјата на европскиот Суперкуп две англиски екипи ќе се борат за трофејот, а досега во седум наврати две екипи од иста земја биле во ситуација да се докажуваат кој е најдобар тим на Стариот Континент.
  • Во шестиот настап на Ливерпул во ова натпреварување, тимот од „Енфилд“ има прилика по четврти пат да го освои престижниот пехар, откако претходно тоа го стори во 1977 против Хамбургер, 2001 против Баерн Минхен и 2005 година против ЦСКА Москва.
  • Челзи, пак, по четврти пат обезбеди учество во Суперкупот, а вечерва цели на втората титула. Единствениот успех им беше во 1998 година против Реал Мадрид, додека загуби од Атлетико Мадрид во 2012 година и од Баерн Минхен една година подоцна.
  • За првпат по шест години ниту една шпанска екипа нема да има прилика да го освои Суперкупот. Последни екипи кои играа, а не се од Шпанија беа Баерн Минхен и Челзи во 2013 година, кога Баварците славеа по пенал-рулетот.
  • Доколку Ливерпул вечерва победи, ќе се изедначи со Реал Мадрид по бројот на Суперкуп титули, додека со евентуален триумф на Челзи, лондончани ќе станат 10-тиот тим кој има две или повеќе титули во ова натпреварување.

ИСТОРИСКИ ДЕН ЗА ЕВРОПСКИОТ ФУДБАЛ 

Стефани Фрапар ќе испише историја како прва судијка која добива шанса да дели правда во меч од големо значење во организација на УЕФА. Триесет и петгодишната Французинка заслужено ја доби оваа чест, откако ја делеше правдата во финалето од Мундијалот за жени меѓу САД и Холандија, а во април годинава дебитираше и во француското првенство, во дуелот меѓу Стразбур и Амиен.

АНГЛИСКИТЕ РИВАЛИ ИМААТ МЕЃУСЕБНА ИСТОРИЈА И ВО ЕВРОПСКИТЕ НАТПРЕВАРУВАЊА

Ливерпул и Челзи по 11-ти пат ќе се сретнат во рамки од УЕФА натпреварување. Во претходните 10 средби, Челзи трипати издвои триумф, Ливерпул го стори тоа во два наврати, а ремизирале во три меча. Нивните патишта за првпат се вкрстија во полуфиналето на ЛШ во сезоната 2004/05. Тој двомеч го одлучи голот на Луис Гарсија во возвратниот дуел на „Енфилд“, откако мрежите на „Стемфорд бриџ“ мируваа.

Полуфиналната фаза во сезоната 2006/07 повторно ги спои, а Црвените повторно се пласираа во финалето по изведување на пенали откако во двата меча се издвојуваа победи од 1-0. И по третпат, во сезоната 2007/08 Ливерпул и Челзи се судрија во полуфиналето, но овојпат Сините се издвоија како победници по триумфот на домашен терен од 3-2, откако седум дена претходно издовија реми од 1-1 на „Енфилд“.

Во сезоната 2008/09, двете екипи се бореа за пласман во топ 4. Челзи прво издвои гостински триумф од 3-1, а во Лондон се одигра еден од најепските натпревари во историјата на ЛШ. Конечниот резултат од 4-4 беше триумфален за Сините.

Земајќи ги предвид сите натпреварувања, Ливерпул и Челзи меѓу себе одиграле 181 натпревар, од нив 77 им припаднале на Црвените, Сините бројат 64 победи, а 41 меч завршил со нерешен резултат.

ПРВОТО КОЛО ОД ПРЕМИЕР ЛИГАТА НАЈАВУВА ЕФИКАСЕН ДУЕЛ

Актуелниот европски првак и англиски вицепрва, ја имаше честа да ги крене завесите на англискиот шампионат со убедлив триумф од 4-1 против Норвич. Челзи, пак, ќе сака што побрзо да го заборави првото коло бидејќи стартуваше со дебакл на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед со 4-0.

Напаѓачките квалитети на избраниците на Клоп и разнишаната одбрана, која е најголем проблем на Лампард, навестуваат дека вечерашниот дуел ќе биде ефикасен и, пред сè, интересен за неутралните навивачи.

ПОСЛЕДНИ 10 МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ:

10.05.2015 Челзи – Ливерпул 1-1 (Премиер лига)

31.10.2015 Челзи – Ливерпул 1-3 (Премиер лига)

11.05.2016 Ливерпул – Челзи 1-1 (Премиер лига)

16.09.2016 Челзи – Ливерпул 1-2 (Премиер лига)

31.01.2017 Ливерпул – Челзи 1-1 (Премиер лига)

25.11.2017 Ливерпул – Челзи 1-1 (Премиер лига)

06.05.2018 Челзи – Ливерпул 1-0 (Премиер лига)

26.09.2018 Ливерпул – Челзи 1-2 (Лига куп)

29.09.2018 Челзи – Ливерпул 1-1 (Премиер лига)

14.04.2019 Ливерпул – Челзи 2-0 (Премиер лига)

ОТСУСТВОТО НА АЛИСОН Е ГОЛЕМ ХЕНДИКЕП ЗА КЛОП, КАНТЕ ГО ДРЖИ ЛАМПАРД ВО НЕИЗВЕСНОСТ

Во пресрет на вечерашниот спектакл, Јирген Клоп во својот состав ќе го нема голманот Алисон Бекер. Бразилецот се повреди во победата над Норвич изминатиов викенд и ќе отсуствува околу месец и пол, а по вчерашниот тренинг и Наби Кеита се пожалил на повреда. Добро е што Садио Мане е максимално подготвен, така што Клоп ќе го има целиот напаѓачки потенцијал.

Лампард чека потврда од клупските лекари да дадат зелено светло за Н’голо Канте, кој се здоби со ситна повреда во неделата и е неизвесен во пресрет на овој дуел. Вилијан и Рудигер навреме закрепнаа и тие ќе бидат во конкуренција за настап.

Можни состави

Ливерпул (4-3-3): Адријан, Александер Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон, Фабињо, Милнер, Хендерсон, Мане, Фирмино, Салах.

Челзи (4-2-3-1): Кепа, Аспиликуета, Зума, Кристенсен, Емерсон, Жоржињо, Kaнте, Пулишиќ, Маунт, Педро, Жиру.

- Оглас -

Најнови вести