Сите 12 клубови основачи на проектот Суперлига на Европа ќе треба да платат пенали во сума од 300 милиони евра на сметка на главниот спонзор „ЏП Морган“, објави „Мундо депортиво“.
Проектот што беше најавен во неделата навечер, само два дена подоцна се распадна по големиот притисок на фудбалските симпатизери, на УЕФА и ФИФА и на голем број познати фудбалски имиња, кои заедно создадоа широк фронт против елитистичката фудбалска лига.
Познатата американска банка за инвестиции и финансиски услуги, „ЏП Морган“, требаше да биде главен спонзор на Суперлигата, а најавен беше почетен буџет од 3,6 милијарди евра.
Процесот почна брзо да се распаѓа, откако англиските екипи по жестокиот притисок на навивачите, но и на Владата предводена од Премиерот Борис Џонсон почнаа да се повлекуваат.
„Ливерпул Ехо“ објави дека англиските клубови потрошиле по речиси 10 милиони евра за трошоци околу подготвката за настап во Суперлигата, што требаше да почне од идната сезона.
Со соопштение денеска се огласија и претставниците на главниот спонзор, на „ЏП Морган“.
„Очигледно погрешно проценивме како фудбалската заедница ќе реагира на проектот Суперлига. Ја научивме лекцијата“, објавија од познатата американска банка.