Супертандемот со Ламин Јамал сега и во Каталонија: Нико Вилијамс доаѓа во Барселона!

Најдобриот фудбалер на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс, е на чекор до трансфер во Барселона. Каталонскиот гигант постигна договор со шпанскиот репрезентативец, а сега останува само да се активира откупната клаузула во висина од 62 милиона евра.

Според шпанските медиуми, Вилијамс ќе потпише шестгодишен договор со Барса, со годишна бруто-плата од 12 милиона евра.

Сепак, Барселона е исправена пред финансиски предизвик бидејќи ќе мора да го обезбеди потребниот износ за клаузулата. Веднаш по евентуалното пристигнување на Вилијамс, клубот планира да го ангажира и голманот Жоан Гарсија од Еспањол, за кого исто така ќе се активира клаузула од 25 милиони евра.

Каталонците мора внимателно да менаџираат со буџетот, но се верува дека ќе најдат соодветен финансиски модел, особено затоа што самиот Вилијамс инсистира да премине во Барселона и покрај бројните понуди од други клубови.

Баерн Минхен беше најупорен во обидот да го доведе 23-годишното лево крило, но Вилијамс јасно стави до знаење дека сака да остане во Шпанија.

Минатото лето Нико Вилијамс исто така беше поврзуван со Барселона, но сега условите конечно се поклопуваат за да го облече дресот на каталонскиот гигант, каде што може да формира експлозивно офанзивно дуо со Ламин Јамал, како што тоа го прават во шпанската репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести