Сурова е европската доминација на Отвореното првенство на Австралија

Европска битка за пехарот во Отвореното првенство на Австралија ќе има во Мелбурн, а сите четвртфиналисти во машка конкуренција се од Стариот Континент.

Ноќеска од пет часот бугарскиот ас Григор Димитров и Аслан Карацев од Русија ќе означат почеток на четвртфиналните дуели на првиот гренслем-турнир во сезоната, а веднаш по нивниот меч, од 10.30 часот ќе играат првиот носител Новак Ѓоковиќ од Србија и Германецот Александер Зверев.

Битката на Европејците за трофејот во Мелбурн ќе продолжи во среда наутро, со дуелите меѓу Андреј Рубљев и Данил Медведев и двајцата од Русија.

Завршницата на следната рунда ќе биде со дуелот меѓу Стефанос Циципас од Грција и шпанскиот ас Рафаел Надал, а интересно е што Русите ќе имаат едно сигурно место во полуфиналето и се најбројни со тројца претставници во фазата што следува на турнирот.

Ваквиот развој на настаните не е неочекуван, но е катастрофален за американскиот тенис. Имаа само еден претставник во осминафиналето, Мекензи Мекдоналд, но и тој лесно испадна со пораз од 0:3 против Медведев.

Американците се убедливо најтрофејната тениска нација со 52 пехари освоени на гренслем-турнирите во ерата на Отворените првенства, што почна во 1968 година.

Шпанија е на второто место со 27 пехари, дури 20 од нив дело на Надал. Шведска е трета со 25, Швајцарија е зад нив со 23, од кои 20 се пехарите на Роџер Федерер и три на Станислас Вавринка. Топ-5 завршува со австралиските 20 титули, а благодарение на Новак Ѓоковиќ, Србија е на одличното шесто место со 17 победи на гренслем-турнирите.

 

- Оглас -

Најнови вести