Четворица играчи добија суспензии од дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација поради учество во тепачката по завршување на мечот меѓу Валенсија и Хетафе во Купот. Муктар Дијакаби од Валенсија, како и играчите на Хетафе Бруно Гонзалес и Дамјан Суарес ќе паузираат на четири меча, додека Хајме Мата, исто така од Хетафе, е суспендиран на три средби. Суспензија од еден меч заработи и кондицискиот тренер на Валенсија, а двата тима ќе бидат и парично казнети.
Тепачката се случи по завршување на мечот во вторникот и победата на Валенсија од 3-1. Домаќините дадоа два гола во судиското надополнување и на тој начин за прв пат по 2012 година се пласираа во полуфиналето на Купот на Шпанија. За да се смират страстите, во тепачката мораше да реагира и полицијата.