Италијанскиот интернационалец Сандро Тонали има само уште две седмици од суспензијата поради недозволено обложување. Таа истекува на 27 август, па тој од третото коло ќе може повторно да игра во Премиер лигата. Њукасл на 1 септември го пречекува Тотенхем и Италијанецот ќе може да биде во составот на Еди Хау.
„Клубот доби официјална потврда од Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) дека суспензијата на нашиот играч истекува на 27 август“, објави Њукасл во клупско соопштение.
Во октомври минатата година, ФИГЦ го суспендира италијанскиот фудбалер на десет месеци поради кршење на правилата за обложување на натпревари. Тонали пристигна во Њукасл во јули 2023 година од Милан за 70 милиони евра, а за англискиот премиерлигаш одигра само 12 натпревари.