МЗТ Скопје Аеродром го претрпе првиот пораз сезонава во втората АБА-лига. Македонскиот шампион е надигран на гостувањето кај Сутјеска со 70-85. За МЗТ ова е втор пораз за неполна недела откако загуби и од Гостивар во македонската прва лига.
На 12 минути до крајот, МЗТ губеше со 43-58, но со серијата 13-2 дојде на 56-60 по првиот напад во последната четвртина. Но, на разлетаните Штркови, некогашниот плеј на МЗТ, Павличевиќ, им ги скрати крилјата со пет поени по ред. Ова негативно делуваше за македонскиот првак, а црногорскиот тим знаеше да го казни тоа и повторно се одлепи на плус 15 на три минути до крајот, со што првиот пораз на МЗТ во АБА 2 сезонава беше неизбежен.
Хиндс со 22 поени и пет асистенции беше најкорисен во редовите на МЗТ, а покрај него, само уште капитенот Стојановски имаше двоцифрен број поени, 13. Фалеа поени од Омот, кој одигра само 19 минути и финишираше со три поени, а имаше четири загубени топки.
Следниот меч на Аеродромци во регионалната лига е на 5 ноември, во „Јане Сандански“, против Сплит, кој по пет кола има биланс 3-2.