Сведок на несреќата: Од превртениот автомобил се слушаше гласна музика и лелекање

Кошаркарот на Црвена ѕвезда, Огњен Кузмиќ слушал гласна музика и возел со многу поголема брзина од дозволената, сведочи боксерот Дражан Јањанин, кој бил совозач во вториот автомобил кој учествувал во тешката сообраќајна несреќа, која се случи рано утрово, на патот Бања Лука – Приједор.

„Наеднаш пред нас се појавија светла и автомобил со голема брзина доаѓаше кон нас. Миљатовиќ кој возеше, брзо реагираше и се обиде да го избегне ударот. Меѓутоа, „поршето“ кое влезе во нашата лента, возеше пребрзо и не удри во задниот десен дел. Испадна вратата и едното тркало од нашата кола“, објаснува Јањанин.

Од ударот, двата автомобили се превртеле, но за среќа боксерот и неговиот пријател поминале со полесни повреди. Сепак, тоа не било случај со Кузмиќ, кој со поршето излетал од патот и паднал во дол, на околу 200 метри подалеку.

„Го скршив прозорот и излегов надвор, а потоа го извлеков и пријателот од автомобилот. Потоа заминавме кај другото возило. Беше надвор од патот, превртено на кровот. Од автомобилот се слушаше гласна музика и некој како лелека. За брзо време дојдоа пожарникари и ги извадија луѓето“, сведочи Јањанин, кој има исеченици на рацете, но не е посериозно повреден.

За разлика од двајцата патници во возилото „БМВ“, кошаркарот Кузмиќ и неговиот пријател се многу посериозно повредени и се борат за живот.

- Оглас -

Најнови вести