Сопствениците Глејзер би можеле да се согласат на продажба на Манчестер јунајтед доколку до нивната адреса стигне рекордна понуда од шест милијарди долари.
Повеќе англиски медиуми денес известија дека наводно има тројца потенцијални купци, што значи дека во наредните година дена може да се случи најскапата продажба на еден спортски клуб. Засега сумата од 2,5 милијарди долари, за која Тод Боли го купи Челзи од Роман Абрамович пред крајот на минатата сезона, е светски рекорд, но сето тоа може да се смени за повеќе од двојно доколку Глејзерови прифатат да го ослободат Јунајтед од кошмарот.
Навивачите одамна се свртеа против сопствениците, особено по катастрофалниот старт на Црвените ѓаволи во оваа сезона со два претрпени порази. Најверните го бојкотираат клубот, повикуваат да не се оди на стадион додека Глејзерови го држат Јунајтед, па останува да се види дали дербито против Ливерпул на „Олд Трафорд“ ќе се игра пред празни трибини во понеделник.