Светот чека: Вечер на СП ќе суди судијата кој на еден меч отсвире крај во 85-тата минута!

Судијата Јани Сиказве од Замбија, кој во јануари стана интернет-сензација и се стекна со популарност во целиот свет кога на еден меч отсвире крај по 85 минути игра, вечерва ќе биде главен арбитер на мечот Белгија – Канада од Светското првенство.

Многу фанови чекаат со нетрпение да видат како ќе се однесува Сиказве, кој и пред четири години на СП во Русија им судеше на Белгијците.

Од една страна, тој покажа дека знае да свирне крај на мечот и пред 90-тата минута, како на дуелот Мали – Тунис, а од друга страна, препораки на судиската комисија на ФИФА се да се надомести целото загубено време, па така на СП во Катар имаше мечеви со судиско продолжение и од 14 минути.

Сиказве за хаосот кој го приреди се бранеше дека имал топлотен удар и дека бил дехидриран, како и дека „Бог му рекол да свирне крај“ бидејќи ако не го сторел тоа, можел да се онесвести.

И во 2016 година тој приреди шоу. На еден меч на Нигерија и Египет означи крај на мечот во момент кога Мохамед Салах тргна сам кон голот на противниците и имаше чиста шанса за гол. Фараоните полудеа, но Сиказве остана на своето.

- Оглас -

Најнови вести